31/05/2025
Почитувани пријатели, ценети муштерии и добри луѓе,
Со голема благодарност и трошка тага, сакаме да ве известиме дека нашиот локал „Big Mak“ во Прилеп, кој со љубов, труд и посветеност опстојуваше цели 28 години – од 1997 до 2025 година, официјално ги затвори своите врати.
Во текот на сите овие години, низ „Big Mak“ поминаа генерации. Тука се создаваа спомени, се сретнуваа пријатели, се разменуваа насмевки. Многумина денес им раскажуваат на своите деца за првите средби, првите љубови, првите разговори – токму на ова место. Тоа не беше само сендвичарница, туку дел од секојдневието на Прилеп.
И децата, следејќи ги чекорите на родителите, посветија значаен дел од својот живот во овој семеен бизнис. Секој од нас вложи време, труд и срце во она што го градевме заедно. Но животот нè води по различни патишта, и така природно дојде моментот секој да продолжи понатаму – со нови предизвици, нови соништа.
Особено би сакале да ја споменеме драгата Сузана, чие присуство беше срцето на „Big Mak“. Со нејзината бескрајна харизма, позитивна енергија и топла насмевка, таа ја правеше секоја посета посебна. Луѓето не доаѓаа само по храна, туку по топлината, добриот збор и човечноста што таа несебично ја ширеше.
Голема благодарност до сите вас, наши верни муштерии – за поддршката, довербата и спомените што ги создававме заедно. Тие спомени ќе останат засекогаш во срцата на сите нас.
Со ова, во Прилеп згаснува уште еден бизнис со долга традиција, но останува светла трага од едно време исполнето со љубов, труд и човечност.
Ви благодариме од срце.
Вашиот Биг Мак